Се сруши воен авион на Филипините, при што загинаа 50 лица, локалните власти денес објавија нов биланс на жртвите.
Во претходниот биланс имаше 45 мртви и 49 спасени лица.
Авион со 85 патници, тројца пилоти и седум члена на екипажот се урна во неделата при обид да слета на островот Џоло во провинцијата Сулу, соопшти армијата.
Загинаа 47 војници и тројца цивили, соопштија властите, додавајќи дека 53 лица биле повредени, главно војници.
Причината за авионската несреќа сè уште не се споменува.
Многу патници на тој авион неодамна поминаа основна воена обука и беа испратени на островот да се борат против тероризмот во претежно муслиманскиот регион, пренесе агенцијата Франс Прес.
Војската на јужните Филипини се бори против исламистичката организација Абу Сајаф, која Вашингтон ја смета за терористичка.