Во Општа болница Куманово од денеска започнува со работа нов Центар за менаџирање со дебелина, кој ќе функционира во рамки на Одделот за третман и следење на дијабетес.
Отворањето е по повод 4 Март – Светскиот ден на дебелината, а целта е да се информира и охрабри јавноста да побара стручна помош.

Директорот на болницата, Сашо Стошевски, информираше дека услугата ќе биде достапна не само за жителите на Куманово, туку и за граѓаните од околните општини.
– Статистички гледано милијарда луѓе во светот се соочуваат со проблемот со зголемена телесна тежина. Споредбено со 1990 година кај возрасната група на население зголемувањето е двојно додека кај младите и адолесцентите дури четирикратно“, изјави Стошевски.
Тој додаде дека според податоците од Институтот за јавно здравје, во Македонија 28,4 проценти од населението се соочува со зголемена телесна тежина.
– Со отворање на оваа амбуланта ние како Општа болница Куманово го зголемуваме видот и обемот на услугите што ги нудиме на нашите сограѓани“, истакна директорот.

Раководителот на Одделот за третман и следење на дијабетес, примариус д-р Марија Бајдевска Спирковска, нагласи дека дебелината е хронично заболување и така мора да се третира.
– Дебелината е хронично заболување. Хронично заболување како што болните со други хронични болести значи крвен притисок покачен, болни со дијабет, болни со невролошки заболувања сите имаат право да се јават на лекар да добијат термин, совети и терапија, а болните со дебелина досега немаа каде да се обратат барем во нашиот регион“, рече Бајдевска Спирковска.

Таа појасни дека пациентите ќе доаѓаат со упат од матичен лекар и ќе добијат сеопфатен пристап – специјалистички преглед кај интернист, дијабетолог или ендокринолог, анализа на телесниот состав со „ин боди“ апарат, лабораториски испитувања, советување за исхрана и, по потреба, медикаментозна терапија или упатување кај други специјалисти.
– Сакаме да им дадеме порака на нашите сограѓани е да знае дека не се сами, дека не треба да се лекуваат на интернет и да слушаат секакви совети од надрилекари. Значи достапен им е преглед на којшто ќе добијат правилни препораки за лекување на дебелината“, потенцираше таа.

Според неа, дебелината претставува сериозен ризик-фактор за бројни заболувања.
– Дебелината е едно хронично заболување коешто се карактеризира со таложење на масти во телото и го нарушува нормалното физичко и ментално здравје. Секако дека најважно за дебелената е дека претставува влезна врата за други болести, најчесто после дебелината следуваат малигните заболувања. Како причина дебелината е за малигни заболувања, за дијабет за покачен крвен притисок, за оштетување на зглобовите, колената и колковите најмногу страдаат. Значи со лекување на дебелината ние практично го подобруваме целокупното здравје на пациентите“, изјави Бајдевска Спирковска.
Таа додаде дека расте и бројот на деца со прекумерна телесна тежина, при што ќе бидат опфатени деца над 10-годишна возраст, додека за помалите ќе функционира специјализиран центар во Скопје.
Никола Ивановски

