Шест лица загинаа денеска во пожар во четирикатен хотел во Велингтон, изјави премиерот на Нов Зеланд Крис Хипкинс.
„Тоа е апсолутна трагедија“, рече Хипкинс, додавајќи дека е потврдено дека загинале шест лица, но дека стравува дека бројот на жртвите може да биде поголем.
Пожарникарите соопштија дека се спасени 52 лица, од кои некои се засолниле на покривот. Но, неколку десетици сѐ уште се водат како исчезнати.
Шест од повредените се префрлени во болница, а на 15 им била укажана помош на местото на настанот, според службите за итни случаи во Велингтон.
„Ваков пожар се случува само еднаш во десет години во Велингтон. Тоа е нашиот најлош кошмар“, изјави директорот на итната служба Ник Пајат.
Според него, кога избувнал пожарот, во зградата имало околу 90 луѓе.
Околу 80 пожарникари и 20 противпожарни возила го гасеа огнот додека од хотелот излегуваше многу чад.
Причината за пожарот не е прецизирана.