Летното сметање на времето годинава завршува на 28 октомври во 03:00 часот, така што часовникот ќе се врати еден час наназад на 02:00 часот, информираат од Министерството за економија.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во септември изјави дека ЕУ планира да го укине преминувањето од летно на зимско сметање на времето. Одлуката доаѓа откако мнозинството анкетирани граѓани на ЕУ рекоа дека треба да се укине поместувањето на стрелката на часовникот.
Според предлогот секоја членка на ЕУ до април 2019 година треба да одлучи дали ќе остане во зимско или летно сметање на времето. Последно задолжително поместување на времето на летно сметање ќе биде на 31 март 2019 година, а членките кои сакаат да се вратат на зимското сметање на времето би можело тоа да го направат уште еднаш на 27 октомври 2019 година.