Во манастирот Карпино одбележан празникот Воведение на Пресвета Богородица (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Во Манастирот Карпино вчера беше одбележан православниот празник Воведение на Пресвета Богородица, кој по втор пат се организира во оваа форма под покровителство на Здружението „Карпино“.

Организаторите истакнаа дека нивната цел е прославата да прерасне во силна и трајна традиција, а годинава за прв пат беше избран и кум за следната година – Бобан Цветановски од селото Стрновац.

 

 

„Традицијата ќе продолжи – Карпино ќе живее“, порачаа од здружението и црковниот одбор, додавајќи дека соработката со институциите, здруженијата и локалното население е на исклучително високо ниво.

По повод празникот, Манастирот Карпино го посети и градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Мирослав Славковски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Прекин на водоснабдувањето на дел од булеварот „Трета МУБ“

 

 

Од здружението „Карпино“ информираа дека Славковски ветил поддршка и соработка во насока на развој и унапредување на манастирскиот комплекс.

„Се надеваме дека сите институции поврзани со овој прекрасен манастирски комплекс ќе нè поддржат и ќе ни се приклучат во напорите за негова заштита и обнова. Благодариме на сите што досега несебично помогнаа во секој наш чекор. Само заедно можеме повеќе“, изјавија Дејан Спасовски и Трајче Димитриевски од здружението и црковниот одбор.

 

 

Тие упатија повик до граѓаните активно да се приклучат кон иницијативите за зачувување на манастирот, истакнувајќи дека здружението останува отворено за соработка со сите добронамерници.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово утре ќе ги одмери силите со РК Бутел

Манастирот „Света Богородица“ во Карпино е споменик на културата од поствизантискиот период. Најстарите фрески во црквата датираат од 1592 година, а во 1893 година биле прекриени со нов слој живопис.

Конаците потекнуваат од XIX век, а историски податоци сведочат дека во минатото во манастирот живееле до 300 монаси.

Тука се развила и препишувачка школа, поради што Карпино претставувал значајно духовно, црковно и културно средиште за целиот регион – гордост за жителите од селото и пошироката околина.

Никола Ивановски