Во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово денеска и утре ќе се одржи првиот „Меѓународен фестивал на прозата“.
Фестивалот е во организација на институцијата со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Куманово.
– Започнуваме манифестација која се надеваме дека ќе опстои долго, манифестација по која ќе бидеме препознатливи и манифестација која ќе биде темел на збиднувањата од ваков вид. Свеченото отварање е на 25 мај, со почеток во 20 часот, во фоајето на институцијата, стои во соопштението на организаторите.
Тема на првата фестивалска вечер е „Женското писмо и Балканот“, гости кои нашироко ќе дебатираат на ова тема се: Јорданка Белева, Оливера Ќорвезироска и Лејла Каламујиќ, а Фросина Крушкаровска се јавува во улога на модератаор.
Вечерта ќе биде збогатена со музика во изведба на Јован Цветковиќ.
26 мај е резервиран за втората фестивалска вечер, вечер во која гостите Николина Андова Шопова, Жарко Кујунџиски, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Шпатов и Фејзи Бојку ќе читаат фрагменти по сопствен избор од книжевните остварувања кои длабоко оставаат траги. Модератор на втората вечер е писателот Петар Андоновски.
Композицијата на визуелното општење за фестивалот е дело на дизајн проф.м-р Стефан Јакимовски.
Целта на манифестацијата е да се доближи книжевната прозна продукција до читателската публика, да е запознаат со домашните и страните авторите и нивните дела, што ќе придонесе до формирање на едно критичко, субјективно мислење, ќе се потикне и формира идниот „читач“.
На настанот се очекува да присуствуваат претставници од јавниот, културниот и општествениот живот на Куманово.