Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности МОТУС од Куманово, заедно со својот Фото клуб – Мотус, најавува отворање на втората по ред Изложба на уметничка фотографија „Ентомо-Фото Фест 2025“. Настанот ќе се одржи на 24 октомври 2025 година, во Уметничката галерија на град Куманово.
Оваа година љубителите на уметничката фотографија ќе имаат можност да ја проследат изложбата на Педро Луис Саиз Ајуриагера (MFIAP – Master) од Билбао, Шпанија, кој ќе се претстави со 32 колор макро фотографии на тема инсекти.
Преку уметноста на макрофотографијата, изложбата има за цел да го прикаже фасцинантниот свет на инсектите, нивната убавина, разновидност и мистерија, приближувајќи ја природата до човекот. Настанот претставува омаж на соживотот и тивкиот, но сложен свет што постои околу нас и го обликува животот на Земјата.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка од Општина Куманово, преку Програмата за поддршка на културни манифестации за 2025 година, а е под патронат на Фото Сојуз на Македонија.
Никола Ивановски

