Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун изјави во вторникот вечерта дека 25 војници загинале при спасување жители од пожари што зафатија шуми и села источно од главниот град, што го зголеми бројот на жртви од пожар во таа северноафриканска земја оваа недела, пренесува Бета повикувајќи се на АП.
Тој објави на Твитер дека војниците спасиле повеќе од сто граѓани во планинскиот регион Кабилија.
Четворица војници се здобиле со тешки изгореници и седум помали, соопшти алжирското Министерство за одбрана.
Властите претходно вчера соопштија дека најмалку седум лица загинаа, а неколкумина се повредени во пожарите што се проширија на 36 локации во 18 провинции на Алжир.
Една од погодените провинции е Тизи Узу, која се наоѓа на околу 100 километри источно од главниот град на Алжир.
Алжирската организација за цивилна заштита соопшти дека шест лица загинале во пожари во провинцијата и едно во источната провинција Сетиф.
Министерот за внатрешни работи, Камел Белџуд, вчера, за време на посетата на регионот Кабилија, рече дека сите индикации покажуваат дека пожарите се подметнати.
„Триесет пожари во исто време во ист регион не можат да бидат случајни“, рече тој на националната телевизија.

