Монашкото братство од манастирот „Света Богородица“ во струшкото село Калишта од Епархијата со која раководи поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, се подновило со луксузен пловен објект во вредност од 180.000 евра, пишува порталот Печат.мк.
Како што е наведено, најверојатно станува збор за глисер марка „страјдер 8“, кој е долг 8,32 метри и кој поседува два мотора „меркјури“ со вкупна моќност од 300 коњски сили. Нивната потрошувачка изнесува 150 литри безоловен бензин за еден час, односно 200 евра за еден час.
Глисерот е паркиран на пристаништето на хотелот „Бисер“ во Струга, открива порталот и наведува дека монасите овие денови земаат часови за обука од вработени во Капетанијата на пристаништата на Република Македонија со седиште во Охрид.
Капетанот на Капетанијата на пристаништата, Горан Устијановски, ја потврдил информацијата дека постои таков пловен објект и истакнал дека глисерот во моментов се наоѓа во постапка за регистрација.
Како увозник се јавува компанијата „Сис травел груп“, но точно не знам дали глисерот е даден само на користење на монасите или е подарок кон МПЦ – рекол Устијановски.

