Жителите на улицата „Никола Тесла“ веќе седум дена немаат вода, поради проблем со водоводната мрежа, реагираат денеска на прес конференција од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Куманово.
Како што изјави Кристина Николовска, граѓаните се имаат обратено до претставниците на локалната власт и Јавното претпријатие „Водовод“, но освен вчера, останатите денови вода воопшто немало.
– Денеска исто така продолжува голготата на граѓаните без вода. Наместо решавање на проблемот сите бевме сведоци на секојдневните немили сцени на пукната водоводна цевка, која со часови се поправаше од страна на екипите на јавното претпријатие. Многу граѓани ни се јавија да се пожалат за оваа крајно незавидна ситуација, која како да е настаната од елементарна непогода, рече Николовска на денешната прес конференција.

Николовска прашува кога надлежните планираат да одговорат на граѓаните зошто со денови немаат вода и до кога, како што вели, ќе се случуваат дефекти на водоводната цевка која го загрозува животот на оваа улица.
– Колку време треба да помине за да реагира локална власт и да преземе конкретни мерки за решавање на овој проблем, кој со денови ги остави без вода илјадниците жители на овој дел од градот? Дали оваа хуманитарна катастрофа е животот кој го ветуваше СДСМ и градоначалникот во предизборната кампања? До кога граѓаните од улицата Никола Тесла ќе живеат со чести прекини на снабдувањето со вода,изложени на ризици по своето здравје , предизвикани од неодговорноста на локалната власт? Го повикуваме градоначалникот да излезе од еуфоријата и самодоволноста кои го зафатиле, да го намали времето поминато на разните салонски приеми и предавања и конечно да почне да работи на потребите на граѓаните, рече Николовска.


