ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот претседател на огранокот на партијата во Куманово, Драган Петковски имаат обврска да му се извинат за нанесена клевета и навреда на градоначалникот Максим Димитриевски и воедно да му платат еден денар оштета, откако судот донесе таква одлука за случајот за кој на семејна веселба кумановскиот градоначалник на 5ти април 2017 година беше нападнат.
Тогаш партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ јавно го нарекоа градоначалникот насилник и криминалец. Сега за тоа ќе треба да се извинат и да исплатат еден денар отштета.
– Да, толку барав, ЕДЕН денар, бидејќи нивниот збор не вреди ниту еден денар, а нивните дела прават голема штета, се обидоа да ме дискредитираат и да ми го нарушат угледот и честа пред граѓаните во уште еден од многуте партиско – полициски монтирани постапки. Ме нарекоа насилник, криминалец, ме обвинија за настан во кој што и самиот Петковски не веруваше но по партиска задача читаше напишан текст од кујната на МВРО. Срамно и безобразно продолжуваа со приказната, а сега ќе мора да се извинат, бидејќи вистината е една, а таа секогаш излегува на површина, вели Димитриевски.
Станува збор за повторено судење, откако Димитриевски го доби првиот случај, но Апелациски суд ја врати постапката на повторно судење.
Инаку Димитриевски претходно случајот го пријави и во полиција, но засега нема официјална разрешница.
Пред две години осум лица упаднале на семејната веселба на тогашниот пратеник, а сега градоначалник, Максим Димитриевски, при што физички го нападнале.
Според тогашната изјава на градоначалникот, лицата биле полицајци во цивил кои биле вооружени.
-Се обидов да се повлечам, да не возвраќам на провокациите, но морав да се бранам и себеси, а да ја бранам и мојата сопруга, чиј роденден славевме. Напаѓачите не ги познавам. Подоцна полицајците ми рекоа дека вооружените лица биле полицајци во цивилки. Беа безобразни и насилни, го спомнуваа ВМРО и можеше да настане голема беља. Страхувам дека полицијата ќе ги земе во заштита и дека ќе измислат приказна дека се степале две групи во кафеана. Ова е страшно – револтирано тогаш изјави Димитриевски.
Веднаш по настанот ВМРО-ДПМНЕ излезе со сосема различна верзија, при што го нарекоа насилник кој нападнал 23-годишно момче.
-Насилникот Димитриевски, без никаков повод и причина се дрзнал со тупаници да нападне и да се пресмета со 23 годишно момче само заради тоа што не му се допаднала македонската песна која што била нарачана, рекоа тогаш од партијата.
Сепак, правдата, како што вели Димитриевски, секогаш излегува на површина.