Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово денеска преку прес конференција повторно упати апел до градоначалникот Зоран Дамјановски и директорот на ООУ „Кочо Рацин“ дека и по една година ништо не направиле за санација на потпорниот ѕид на училиштето, кој претставува опасност за учениците.
Сите ние, родители, роднини и пријатели, децата ги праќаме за стекнување на знаења, вештини, постигнување на личен успех и надоградба на знаењата, но оваа лоша глетка не заплашува сите. Загрижувачки е фактот дека по 1 година освен тоа што ѕидот е бутнат, не е преземено ништо друго во понатамошно обезбедување на просторот и заштита на здравјето и безбедноста на учениците тука – вели Никола Перовиќ, од УМС на ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

Перовиќ прашува дали директорот се прошетал низ дворот за да ги види опасностите и да интервенира навреме.
Потпорниот ѕид, чија намена е да ја држи земјата и да го обезбедува влезот на училиштето е бутнат и понатамошни градежни активности не се изведуваат, а земјата, сведоци сме и гледаме дека се свлекува кон улицата и тротоарот. Како дополнителна опасност поставена е и необезбедена импровизирачка ограда. Покрај овој ѕид, на споредниот влез во близина на училишната сала може да се забележи уште еден срушен и необзебеден потпорен ѕид – додава Перовиќ.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ порачаа, Дамјановски да престане да глуми жртва, туку, како што вели Перовиќ, да излезе во пресрет на граѓаните во решавањето на нивните проблеми.
Страшната глетка во училиштето е пример за тоа какви кадри негува градоначалникот, пример дека воопшто не се интересираат за потребите и интересите на граѓаните. Незаинтересираноста стигнала до ниво да со својата негрижа го загрозуваат здравјето и животот на учениците, нивните родители и вработените. Сега додека трае летниот распуст, надлежните имаат повеќе од 2 месеци време да ги санираат проблемите, за доброто на сите – посочува Перовиќ.

