Власта и опозицијата конечно едногласни: Фестивалот „Денови на комедија“ не смее да згасне

Сподели со своите пријатели

Власта и опозицијата во Советот на Општина Куманово денеска конечно се сложија, театарскиот фестивал „Денови на комедија“ не смее да згасне.

На предлог на опозицијата денеска за точка на дневен ред беше предложена измена на Одлуката за извршување на буџетот, со што од ставката набавка на кацелариски мебел, дополнителни средства ќе се префрлат за поддршка на фестивалот.

Како што рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски, фестивалот со годините освен што стана традиција, тој е бренд кој ја отсликува културата на Куманово и настан за кој се бара билет повеќе.

Власта во советот едногласно ја поддржа идејата да се стори се што може фестивалот да добие повеќе средства, но ја отфрли точката затоа што технички не може да се издвојат средства со измена на Одлуката за извршување на Буџетот, туку со ребаланс кој што дополнително би се направил, рече претседателката на Советот Атина Мургашанска.

– Фестивалот секако ќе се одржи и ќе се направат напори и со средства на Центарот за култура и со помош на локалната самоуправа. Има технички, но не само технички, туку и суштествен проблем, вашиот обид да се помогне не е на вистинско место, затоа што не можеме да го направиме со Одлука за измена за извршување на Буџет. Вакво нешто ако најдеме сили и простор можеме да го направиме со ребаланс на Буџетот, на некоја од наредните седници, рече Мургашанска.

Пречка за ребаланс на Буџетот во овој период е фактот што претседателските избори се веќе распишани и не можеме законски да го сториме тоа, рече Десанка Стошевска, Секретар на Општина Куманово.

– Го поддржувам вашиот став и изјаснување по однос на предложената точка од страна на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, од истите причини што веќе ги кажавте затоа што оваа точка има формално правни недостатоци и е неиздржана со оглед дека ставките, нивната намена и износи се утврдуваат со Буџетот на општината, а не со одлуката за извршување, затоа што тоа е пропратен документ кој само дефинира на кој начин ќе се извршуваат ставките и од тие причини постои формално правна пречка оваа точка да биде ставена на дневен ред и да се реши нешто со неа и исто така во овој период се распишани изборите, значи не може да се прави било каква пренамена, измена и дополнување на средствата во Буџетот, рече Стошевска.

Петковски, кој ја предложи точката да се најде на дневен ред, се сложи со дискусијата, но повторно ја истакна потребата да се заштити овој културен настан во градот.

– Се сложувам со дискусијата на секретарот, не сум знаел дека кога се распишани избори не може да се прават измени во Буџетот и во ред го поддржувам тоа, но останувам на тоа дека ние како Совет треба да го поддржиме и да не дозволиме фестивалот да не се одржи. Иако средствата се нешто поради кое овој фестивал не би се одржал, ние како Совет сме должни да најдеме начин да го спроведеме тоа, претпоставувам дека службите ќе најдат начин од Буџетот на општината да одвоиме потребни средства овој фестивал да опстои и да биде гордост во Куманово, додаде Петковски.

Сепак предлогот за точката беше повлечен и ќе почека да заврши изборниот процес.

Инаку фестивалот „Денови на комедија“ кој 21 година се оддржува во Куманово, годинава со програмата на Министерството за култура не доби средства за организирање на фестивалот, со што се доведува во прашање неговото опостојување и квалитет, иако надлежните најавија дека ќе се борат на секој можен начин 22то издание да се одржи.

Leave a Reply