Црвениот крст на Република Македонија како и секоја година, така и денес го одбележа 5¬ти декември, Светскиот ден на волонтерство кој го прославуваат над 17 милиони волонтери од целиот свет во рамките на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Владимир Цветковски волонтер на Општинската организација на Црвен крст Куманово доби заслужена Благодарница за волонтерски достигнувања и посебни заслуги во остварувањето на целите и задачите на Црвениот крст на Република Македонија.
Волонтирањето е нешто што ме исполнува. Среќата и насмевките кои ги добиваме како возвратен подарок од луѓето се главна мотивација да продолжам и понатаму. Дружењето со хуманите луѓе и истомисленици кои меѓусебно се помагаме во извршување на обврските се моја додатна мотивација – вели Цветковски.

Свечениот настан се одржа во просториите на Музеј на град Скопје. Волонтирањето претставува исклучително значаен сегмент на заедниците насекаде во светот. Придонесот на волонтерите го подобрува животот на ранливото население со кое работат и го подобрува животот на волонтерите и нивните заедници.
На свечениот настан, свое обраќање имаше претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, Др. Милчо Трајков кој во свое име и и во името на Црвениот крст на Република Македонија им го честита Светскиот ден на волонтерството на сите волонтери. Тој истакна дека сите овие волонтери, преку Црвениот крст на Република Македонија, се присутни и активно делуваат во сите сфери на општественото живеење.
Црвениот крст на Република Македонија се гордее што во своите редови има 3400 активни волонтери и над 7800 регистрирани членови со што официјално е најголемата хуманитарна организација во државата – рече Трајков.


