Белорускиот претседател Александар Лукашенко повторно победи на претседателските избори, соопшти утринава изборната комисија.
„Можете да ѝ честитате на Белорусија, ние избравме претседател“, рече претседателот на Централната изборна комисија Игор Карпенко.
Лукашенко освои 86,8 отсто од гласовите, на изборите на кои се соочи со четворица противници.
Западните политичари тврдат дека изборите не биле ниту фер ниту слободни, поради забраната за независни медиуми и затоа што опозициските лидери се во затвор или биле принудени да ја напуштат Белорусија.
„Народот на Белорусија немаше избор. Тоа е горчлив ден за сите кои сакаат слобода и демократија“, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
Според официјалните податоци, одѕивот на гласачите бил 85,7 отсто, пренесува Ројтерс.
На прашањето за уапсените политички противници, Лукашенко во неделата одговори дека тие сами ја избрале својата судбина.
„Некои избраа затвор, некои егзил. Никого не протеравме од земјата“, рече Лукашенко, кој е на власт 31 година.