Владата на Република Македонија на својата веб страница објави нови десетици документи и информации во насока на зголемување на транспаретноста и отчетноста.
На интернет страницата објавени се документи и информации коишто се однесуваат на работата и активностите на Генералниот Секретаријат, канцеларијата на претседателот на Владата, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, како и за неколкуте министри без ресор.
По првпат достапни се буџетите од минатата и од оваа година, ревизорски извештаи, планови за набавки, листа на вработени со официјални телефони и е-маил адреси, правилници за систематизација на работните места, правилници за организација, закони и подзаконски акти во надлежност на институциите, листа на информации од јавен карактер, органограм за внатрешната организација, како и календар на настани.
Посочените документи се достапни во категоријата „Информации од јавен карактер“, на официјалната страница на Владата на РМ – www.vlada.mk, и на веб страните на одделните министерства. Линкот на којшто може да се најдат документите е http://vlada.mk/ InformaciiJavenKarakter.
– За потсетување, на својата 34-та седница, Владата ги задолжи сите министерства на своите интернет страници да ги објават ваквите и слични документи. и голем дел од нив веќе се јавно достапни, се вели во соопштението од Владата.
Од Владата истакнуваат дека бројот на документи кои ќе бидат достапни, постојано ќе расте.
Извор: МИА

