Сo цел спречување на растот на цените на училишниот прибор пред почетокот на учебната 2025/2026 година и заштита на животниот стандард на граѓаните, Владата на 100-тата седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10% во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало.
Со оваа одлука, трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор – ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка – се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена.
Одлуката важи во периодот од 15 август до 15 септември 2025 година. Трговците се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на 01.06.2025 година, која се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето.
Пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%.