Владата на Република Македонија денеска, со почеток во 12:00 часот, ќе ја одржи 42. редовна седница на која треба да биде разгледана информацијата за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на фондовите од ЕУ, за статусот на реализација на приоритетите на РМ за влез во НАТО и статусот на реализација на Рамковниот договор.
Како предлог на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, на денешната седница министрите ќе ја разгледаат информацијата за потреба од донесување на мерки на индустриската политика за поттикнување на инвестициите и конкурентноста на економијата.
На дневен ред на денешната седница е и информацијата за акцискиот план за проектот „Бесплатна вакцинација за грип за пензионери со просечна пензија и пензија пониска од просечната и за лица над 60 годишна возраст кои не се приматели на пензија“.
На предлог на Министерството за надворешни работи министрите ќе ја разгледаат и информацијата за учеството на македонската делегација на Самитот на претседатели на Влади од Централно-европската иницијатива (ЦЕИ).
На дневен ред се и повеќе предлог одлуки за престанок и за давање на трајно користење на движни ствари на повеќе општини во земјата, како и кадровски прашања.
Извор: МИА