На денешната 61 седница на Владата на Република Македонија е донесена одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол”, општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, врз основа на член 44 став 3, од Законот за концесија и јавно приватно партнерство.
Со оваа одлука Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол” еднострано се раскинува од страна на концедентот, бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската од членот 13 став 1 од договорот за концесија, односно во рок од две години од денот на доделувањето на концесијата за експлоатација на локалитетот „Казандол“, не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда.
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина-бакар, злато и сребро на Друштвото за експлоатација, преработка и производство „Сардич МЦ“, а oдлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
На оваа седница е разгледана и информацијата за распоредување на 958 административни службеници вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во институциите на јавниот сектор, и ги задолжи органите на државната управа и претпријатијата во државна сопственост, во најкраток можен рок да започнат постапки за преземање на вработените од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за предлог договорот за доделување на државна помош за инвестицијата на германската компанија Leopold Kostal GmbH & Co. KG за реализација на инвестициски проект на територијата на Општина Охрид, како браунфилд инвестиција во постоечките капацитети на индустрискиот комплекс „ЕМО ОХРИД“, наменета за обука на вработени, тест производство и сериско производство на мехатронски делови составени од електроника, прекинувачи и конектори наменети за автомобилската индустрија.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата во однос на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно, и ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и МЕР АД Скопје во најкраток временски рок да најдат заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар.
Владата го утврди Предлог-законот за енергетика и согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, донесе одлука предлог законот да го достави до Собранието.

Целта на законот во прилог на либерализација на пазарот со енергенси, меѓу другото, е да се поедностави учеството на трговците со електрична енергија и природен гас од други земји на пазарите во РМ преку регистрација во Регулаторната комисија за енергетика, и да се овозможи пристап и приклучувањето на трети страни на системите за пренос и дистрибуција на енергија што е целосно во согласност со барањата од директивите и регулативата на ЕУ.
Во делот на пазарот на топлинска енергија, се наметнува обврска на секој новоизграден објект што се приклучува на системот за дистрибуција на топлинска енергија да има вградено уреди за мерење на локалното распределување на топлинската енергија (калориметри).



