На денешната седница владата донесе одлука за согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1, со Друштвото за трговија, услуги и производство Џемдаг Лајтинг Еуропа.
Ова е прв договор за гринфилд инвестиција според критериумите од новиот План за економски раст кој беше промовиран непосредно пред Нова Година, вреден 5 милиони евра, и предвидува 100 нови вработувања.
Владата денеска го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, со одлука да го достави до Собранието на Република Македонија согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Со предложените решенија веледрогериите се задолжуваат да обезбедат пообемна документација која се однесува на квалитетот на лековите кои се предмет на паралелен увоз.
Дополнително со овој предлог-закон се прецизира начинот на издавање на одобрението за паралелен увоз во смисла на утврдување на критериуми и тоа со обезбедување Сертификат за квалитет на лек што e предмет на паралелен увоз, приложен во оригинал. Сертификатот за квалитет треба да биде издаден од страна на производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот.
На овој начин се овозможува подобрена контрола на квалитетот на секоја серија од лековите кои се предмет на паралелен увоз и се обезбедуваат безбедни лекови од паралелен увоз и заштита на пациентите од евентуални неквалитетни лекови.

Владата го усвои предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител, со што ќе се овозможи создавање посебно надворешно дело, како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и припадници на затворската полиција.
На предлог Министерство за животна средина и просторно планирање, владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во Република Македонија.
Ажурираниот национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи опфаќа и препорачува повеќе акции како наредни чекори за исполнување на обврските кон Стокхолмската конвенција и унапредување на животната средина во доменот на овие хемикалии, како што е спречување на неконтролирано горење отпад на нестандардни депонии, воспоставување контрола при увоз на стара опрема со ризик од хемикалии штетни за здравјето на луѓето и животната средина, формирање и функционирање на собирни центри, центри за третман и преработка на искористени возила, како и други мерки.

На денешната седница на владата се разгледани и усвоени повеќе предлог-уредби предложени од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Уредбите се однесуваат на начинот на давање услуги на воздухопловната навигација, како и посебните услови во однос на потребниот персонал, опремата и другите посебни услови неопходни за безбедно и уредно работење, потоа на организацијата и користењето на воздушниот простор, како и на правилата и условите за заемна оперативност на системите, нивните составни делови и поврзаните процедури за давање на услуги на воздухопловна навигација со европската АТМ мрежа.
Овие предлог-уредби се донесуваат заради новите регулативи од страна на Европската Унија, и се во согласност со обврските преземени со Мултилатералната спогодба за основање на Европска заедничка воздухопловна област (ЕЗВО).
На оваа, 47 седница на владата е усвоена и Информацијата за склучување Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за соработка во случај на катастрофи.


