Пари анализира: Кои домашните ИТ компании имаат најмногу вработени и какви плати даваат
Програмерите имаат просечна плата од 1.550 евра. Со години наназад суверено го држат врвот во делот од статистиката која ги регистрира и обработува податоците за месечните примања на вработените. И секогаш просекот во секторот информации и комуникации од високо ги гледа другите под него. А, тоа е така, затоа што ИТ компаниите кои нудат одлични плати и невообичаени работни услови се во постојана потрага по квалитетен кадар.
Затоа, во ИТ светот се е натпросечно. Квалитетот продуцира квалитет. Притоа, не е пресудно дали вработените се со комплетирано високо образование или завршиле курсеви. Во оваа област е докажано дека само со континуирана работа може да се досегне до завидно ниво на знаење. Потребно е да се учи и пред и по вработувањето. Едноставно, оваа индустрија ги „гази“ оние кои заостануваат. Како што важи за лекарите дека учат цел живот, истото е и со информатичките струки, само што новите знаења и вештини овде треба да се апсорбираат со поголема брзина. Се работи за долготраен процес кој тражи големи вложувања за разлика од некои други професии. Но, има и уште една голема разлика – сиот напор повеќекратно се враќа.
За програмерите е важна и средината. Велат, многу повеќе ќе напредуваш ако си опкружен со луѓе кои знаат повеќе од тебе. Во таков амбициозен амбиент се зголемува личниот капацитет, а се учат и работи кои не се само во доменот на техничките знаења и умеења.
Гледано однадвор, се изгледа едноставно и забавно. Само инволвираните знаат под каков стрес се изведуваат работните активности, каков е притисокот од поставените или зададени рокови. Тука се часовите и деновите кои се минуваат во седечка положба, па болки во вратот, рамената, кичмата. Платите се големи, но сето тоа ги „троши“ вработените. Без оглед дали во канцелариски или домашни услови. Поради тоа компаниите им обезбедуваат низа поволности – плаќаат приватно здравствено осигурување, создаваат услови за рекреација, релаксација и опуштање…
Порталот „Пари“ во соработка со платформата БизнисМрежа.мк направи анализа на ИТ компаниите со 100 насто македонски капитал, од аспект на бројот на вработени и просечните месечни плати.
КАДЕ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ПЛАТИ?
Кај топ 5 со највисоки месечни примања , просечната плата е 2.100 евра. Интересно е дека освен една, другите четири компании што се издвојуваат по висината на платите не котираат во првите петорки според добивката, приходите и вработените.
Топ 5 компании по плати во домашни ИТ компании
Како што може да се забележи од табелата најголемите плати се во мали компании, со мал број на вработени, но очигледно со големи ИТ проекти.
КАЈ НАЈГОЛЕМИТЕ РАБОТОДАВАЧИ ШАРЕНОЛИКОСТ НА ПЛАТИ
Петте најголеми домашни ИТ компании работно ангажираат 684 лица. Кај нив платите се движат од 36.626 денари (што е мала плата за ИТ индустријата) до 108.020 денари
ТОП 5 ИТ компании по број на вработени и нивните просечни плати
⋮IWConnect или Интерворкс увоз-извоз ДООЕЛ Битола освен со приходите (11,8 милиони евра), го зазема и првото место на листата од пет ИТ компании со најмногу вработени – 205 лани, а 170 преклани. Тоа претставува раст од 21 процент.
Вработените лани имале просечна плата од над 990 евра (61.255 денари), која во однос на 2021 година се зголемила за 15 проценти.
Станува збор за компанија која својата програмерска дејност и иновативните решенија од Битола ги шири низ светот, а функционира преку канцелариите во Прилеп, Скопје, Охрид, Нови Сад, Амстердам, Хјустон. Оттаму, профитот од 2,8 милиони евра, кој за една година нараснал за 44 проценти, го позиционира ⋮IWConnect на второто место во групата пет фирми со највисока добивка.
Резултатите од работењето на Axapta Masters (Аксапта Мастерс ДОО Скопје) му обезбедуваат место на сите листи, односно петорки.
По вработени е на втората позиција. Нивниот број за една година забележал раст од 59 насто, од 111 на 177. Платите се со просек од 108.020 денари или 1.750 евра. Во 2021 година тоа бил износ од 111.754 денари/1.800 евра. Минималното отстапување од три проценти не е пречка оваа компанија да се пласира на петтото место во друштвото на оние кои исплатуваат највисоки месечни износи на име плата.
Како што е на листите на најдобрите, така со својата програмерска понуда и реализација Аксапта Мастерс ја има во производството, транспортот, автомобилскиот сектор, малопродажбата, градежништвото, фармацијата, во осигурителната дејност. Ваквата распространетост лани и донела повисока добивка за 109 проценти (2,83 милиони евра), со која ја предводи групата од пет компании по остварениот годишен профит. Според приходите е втора – 9,9 милиони евра и раст од 80 насто.
Друштвото за програмирање и одржување софтвери Intertec.IO (Интертек.ИО ДООЕЛ Скопје) од 108 вработени во 2021, тимот го зголемил за 12 насто, па на крајот од минатата година биле ангажирани 121 лице. Ова на компанијата и го обезбедува третото место во групата топ 5.
Нивната просечна плата е речиси 1.300 евра (78.872 денари). За една година просекот е коригиран за плус осум проценти, односно во 2021 се работело за износ од 1.200 евра (73.300 денари).
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/visoki-standardi-vo-it-industrijata-programerite-skapo-se-troshat/