Википедија на македонски јазик достигна 155.000 статии

Сподели со своите пријатели

Македонската верзија на Википедија, најголемата слободна енциклопедија на интернет, неодамна го надмина прагот од 155.000 статии, означувајќи уште една значајна пресвртница во развојот на слободното знаење на македонски јазик.

Од своето основање во 2003 година, Википедија на македонски јазик бележи стабилен и постојан раст, благодарение на посветеноста на заедницата на волонтери кои секојдневно придонесуваат со нови содржини, подобрување на постоечките статии и споделување на проверени информации достапни за сите. Денес, платформата претставува еден од најважните извори на знаење на македонски јазик на интернет.

 

„Овој успех не е само бројка – тој ја одразува вредноста на заедничкото залагање за слободно знаење. Википедија на македонски јазик прерасна во силен дигитален ресурс што го користат илјадници корисници дневно, особено во образованието, медиумите и истражувањето,“- изјави Снежана Штрковска, извршен директор на Здружението „Викимедија МКД“, организацијата која ја поддржува Википедија и сродните проекти во земјата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Овој Американец преживеал 856 каснувања од змии отровници (ВИДЕО)

Статиите на Википедија на македонски јазик опфаќаат широк спектар теми – од локална и национална историја, култура, географија и биографии, до глобални теми од науката, уметноста, технологијата и современото општество. Зголемувањето на бројот на статии значи и зголемена застапеност на македонскиот јазик во дигиталната сфера, нешто што е особено важно во време кога онлајн содржините доминираат во секојдневната комуникација и учење.

Википедија функционира според начелата на отвореност, транспарентност и колаборативна работа. Секој може да придонесе – без разлика на возраста, професијата или претходното искуство. Македонската заедница е активна и организира редовни уредувачки настани, обуки, и соработки со институции од образованието и културата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Првата нуклеарна бомба лансирана во вселената (ВИДЕО)

Со цел да се поддржи понатамошниот раст и развој на проектот, „Викимедија МКД“ ги повикува сите заинтересирани граѓани, студенти, наставници и љубители на знаење да се приклучат во заедничкото градење на најголемата слободна енциклопедија на македонски јазик.