Православните верници в четврток ќе скокаат по светиот крст по повод големиот христијански празник Богојавление (Водици).
Како што информираат од Кумановско – осоговската епархија годинава по крстот освен во главниот Соборен храм „Свети Никола“ во Куманово, ќе се скока и во водите на реката Липковка во населбата Бедиње.
Во Соборниот храм „Свети Никола“ најпрвин ќе се одржи света литургија со која ќе чиноначалствува владиката на Кумановско-осоговската епархија Јосиф, а потоа ќе се освети водата.
Претходно низ годините крстот се фрлаше низ повеќе цркви во кумановско и Затворениот градски базен, но оваа година тоа ќе се стори само на двете посочени локации.
Светата литургија ќе започне во осум часот, по што ќе следува осветување на водата и скокање по крстот.
Верниците нема да мора да се пријават претходно за учество на настанот.
Оној кој ќе го фати крстот, освен што, според верувањата, ќе го следи среќа цела година, ќе добие подароци од црквата, спонзорите на манифестацијата и општината.
Никола Ивановски