Венецуела ќе ги троши приходите од нафтениот бизнис со САД исклучиво за стоки произведени во САД, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп.
– Токму бев информиран дека Венецуела ќе купува само стоки произведени во Америка, со парите што ги добива од нашиот нов договор за нафта, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Тој рече дека купувањето ќе вклучува американски земјоделски производи, лекови, медицински помагала и опрема за надградба на електричната мрежа и електраните на Венецуела.
– Венецуела е посветена на соработка со Соединетите Американски Држави како свој главен партнер, напиша Трамп. Мудар избор и многу добра работа за народот на Венецуела, како и за Соединетите Американски Држави, додаде тој.
Трамп го коментираше ова по одлуката на САД да ги ублажи некои санкции врз Венецуела со цел да се овозможи транспорт и продажба на венецуелска нафта на глобалниот пазар.
Националната нафтена компанија на таа јужноамериканска земја, PDVSA, изјави по објавата дека е во преговори со САД за продажба на венецуелска сурова нафта.
Овој потег беше најавен откако Вашингтон соопшти дека планира да ја преземе контролата врз идната продажба на нафта од Венецуела, по американската воена операција минатиот викенд во која авторитарниот лидер на земјата Николас Мадуро беше заробен и однесен во САД на судење.
Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, изјави дека САД ќе продаваат венецуелска нафта „до понатамошно известување“. Ќе започне со суровата нафта што е складирана во земјата, а производството ќе продолжи.
Венецуела има едни од најголемите докажани резерви на нафта во светот, додека сочинуваат само мал процент од вкупното глобално производство на нафта, потсетува Хина.
Инфраструктурата за производство на нафта во земјата е во лоша состојба по децении лошо управување, велат пазарните аналитичари.
Трамп изјави во интервју објавено од Њујорк Тајмс рано во четврток дека „само времето ќе покаже“ колку долго САД ќе ја задржат контролата врз Венецуела.
На прашањето на Тајмс дали тоа ќе биде три месеци, шест месеци, една година или подолго, Трамп рече: Би рекол многу подолго.
– Ќе ја обновиме на многу профитабилен начин, рече Трамп за Венецуела, додавајќи: „Ќе користиме нафта и ќе земаме нафта. Ги намалуваме цените на нафтата и ќе ѝ даваме пари на Венецуела, кои очајно им се потребни.“
Трамп додаде дека САД во моментов „се сложуваат многу добро“ со владата на привремената венецуелска претседателка Делси Родригез.
Трамп откри план за рафинирање и продажба на до 50 милиони барели венецуелска нафта блокирани во Венецуела, што е уште еден знак дека Вашингтон се координира со венецуелската влада по апсењето на претседателот Николас Мадуро минатиот викенд.
Тие ни даваат сè што мислиме дека ни треба, рече Трамп, осврнувајќи се на венецуелската влада.

