Милион пати досега, видовме необични и оригинални свадби и запросувања на различни места, каде главно идните сопрузи беа задолжени за изненадувања и разубавување на денот за прекрасната половина која ќе ги памети тие моменти цел живот.
Овој пат, улогите беа малку изменети, а главен актер беше Украинката Марина Кутер, која го „намами“ својот иден сопруг Михаил на Олимпискиот стадион во Киев, со цел да се ожени.
Невестата и нејзините помошници организираа се, ги чекаше свештеник на теренот, а Михаил, инаку со германско потекло, беше донесен на стадионот со врзани очи.
Кога му ја тргнаа врската, не можеше да поверува што му се случи. Ги виде свештеникот и олтарот, и свадбената церемонија започна веднаш.
– Сопругот се уште е во шок. Требаше да биде само обичен состанок. Не очекуваше дека ќе му го подготвам ова – изјавила невестата по церемонијата, пренесува украински ТСН.
Михаил е страстен љубител на фудбалот, па Марина поради тоа сакаше да се омажи на стадионот. Кога му се јавила, не му кажала каква има намера, туку само да дојде на најголемиот стадион на земјата.
Таму немало натпревар, но тој го рече „судбоносно да“.
– Беше многу неочекувано. Не знаев дека е можно да се венчам на стадион. Многу ми е драго што се венчавме пред Бога, дури и покрај околностите. Верувам дека свадбата е еднаш засекогаш – изјави Михаил.
Според свештеникот, главниот дел од светата тајна ќе се одржи подоцна во црквата.