Според програмата на Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, во текот на 2016 година ќе бидат реализирани 15 проекти за што се предвидуваат средства од 2,9 милиони денари.
Како што нагласи Нино Величковски од Фондацијата за култура и спорт, се работи за традиционални манифестации кои се одржуваат веќе неколку години, но ќе се прават напори да заживеат и некои други.
Размислуваме да се возобнови детскиот фестивал „Детелинка“, потоа да воведеме театарска работилница, т.е “Денови на театар” што ќе биде пандан, мимо “Денови на комедија” што како фестивал трае, и треба да трае. Нудиме содржина на алтернативни театри од други градови од Македонија и од нашите соседни држави, за да има една поголема театарска понуда во оваа театарско милје, кое по мене е сиромашно во градот. На планот на културата, она што го работиме со Детскиот ликовен камп кој има пет години јубилеј и почнуваме во една нова приказна каде може да сметаме на нешто што е меѓународен детски камп со носење на деца од соседните држави – вели Величковски.
Тој додаде дека Фондацијата останува да работи во рамките на делегираните надлежности од градот и Советот на општина Куманово, и се надева дека поголем дел од проектите ќе бидат реализирани за да се збогати културниот живот во градот.
Инаку на расправата на седницата на Советот се кршеа копјата помеѓу советниците, бидејќи дел од опозициските советници сметаа дека се малку културните манифестации во градот и дека нема ништо ново, туку исти се препишуваат од година во година.
На тоа градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека централната власт е онаа која е виновна што во Куманово нема културни институции, туку оние кои постојат, работат под менаџирање на Министерството за култура, а општината може само да помага.
Направивме плејада од колонии по кои сме препознатливи, а благодарение на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ кое менаџира со Меморијалните центар во Пелинце, се направи реконструкција на комплексот и може да се направи организација на културни и спортски манифестации, дебати и семинари во комплексот – вели Дамјановски.
Инаку во рамките на предвидените средства се и 700 илјади денари за организирање новогодишна прослава на градскиот плоштад за следната година.