Предновогодишната програма на градот Куманово започнува вечерва со концерт во Занаетчискиот дом, по што ќе следуваат и други бројни културно уметнички настани.
Како што информираше денеска на прес конференција Сања Давидовиќ, директор на Фондација за култура и спорт при Општина Куманово, вечерва од 10 часот свој настап ќе имаат Лидија Кочовска, оперскиот пејач Влатко Груевски, а во придружба на Андреј Наунов на пијано.
– На 24 декември ќе ни гостуваат Алтернативен театар „Отпишани“ од Скопје со своја детска новогодишна претстава „Добриот и лошиот Дедо Мраз“. Ова претстава е за деца од три до 12-годишна возраст. Претставата ќе започне во 13 часот во Занаетчискиот дом и влезот е слободен. На 26ти декември кумановчани ќе имаат можност да уживаат во хуморот и сатирата во стендап од нашиот актер Жарко Јовановиќ, почеток во 19.30 часот во Занаетчискиот дом, а влезот е слободен, изјави Давидовиќ.
Најголем интерес се очекува за настаните на 27ми и 28ми декември, кога ќе се случат и поголеми музички настани на градскиот плоштад.
– 27ми го поделивме на два дела, првиот ќе биде со почеток од 12 часот каде ќе имаме програма за нашите најмали, ќе имаме Дедо мраз, маскоти, делење на пакетчиња, новогодишни колачи, топло вино, но тука би сакал да потенцирам дека ќе ни помогнат две компании обезбедување „Магнум“ и „Етно село Тимчевски“, кои двете прослави за вработените ги пренасочуваат за најмалите и со тоа упатувал апел и на други општествено одговорни компании да се приклучат на ваквите акции, изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура и спорт при Општина Куманово.
Како што додаде тој, по настапот на диџеј Томи, во вечерниот дел ќе настапат локални артисти, групата Мираж, Нема назад, Аиман, Едно Дете, Ла Марио и Лука Чомбе.
– На 28ми со почеток во 16 часот на плоштадот ќе имаме целодневен новогодишен концерт каде ќе настапат Мартинијан Кириловски, групата Пеперминт и на крај Антониа Гиговска. Со тоа ќе ја завршиме новогодишната магија во Куманово. Ги повикуваме сите наши граѓани да се забавуваат и уживаат, изјави Крстевски.
Во рамките на програмата, традиционално и годинава ќе бидат прогласени најдобар полицаец и најдобар пожарникар за годината што заминува.
Никола Ивановски

