Фото клуб Куманово по седми пат го организира фестивалот на уметничка фотографија „Малински фото фестивал“, кој ќе почне вечерва со почеток во 19:30 часот, во просториите на занаетчиски дом Куманово, најавија денеска организаторите. Посетителите ќе имаат можност да проследат осум проекции на фотографи од Србија, Турција и од државата. Годишнава програма ќе се одржи во Куманово и Крива Паланка.
Утре во 14:00 часот, во фоајето на НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе бидат презентирани фотографии од меѓуклупската изложба „Круг“ на која ќе бидат прикажани и принтови од изложбите „Круг 2020“ и „Круг 2021“.
– Годинава членовите од клубот ФК Куманово имаа можност да си ги „одмерат силите“ со Фотоклубот „Ванчо Прке“ од Штип, кој важи за еден од позначајните и наградувани клубови во републиката во последно време. Фотографиите кои беа испраќани од членовите, ги разгледуваше жири од минатогодишниот клуб со кој се натпреваруваше нашиот клуб, United Photographers Hong Kong од Кина. На оваа изложба ќе бидат изложени околу педесетина фотографии и ќе се доделат трофеи за прво, второ, трето место за најдобрите три, како и три дипломи за конкуренти за награда, најавија организаторите.
По оваа изложба во 14:30 часот ќе биде отворена изложбата која има натпреварувачки карактер помеѓу двете најголеми кумановски основни училишта „Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“. Во реализација на овие фотографии кои ги направија учениците од фото секцијата водена од менторот Марина Атанасовиќ, беше вклучен скоро целиот клуб. На учениците ќе им бидат доделени и дипломи за освоено прво, второ и трето место.
Во 15:30 часот клубот приреди самостојна изложба на фотографот, член и претседател на Фото клуб Крагуевац, Александар Буѓевац, во Уметничката галерија во Куманово. Во 16:00 часот во галеријата, клубот, кумановци ќе ги видат делата работени последниве пер години на кумановскиот и светски признаениот фотограф Владимир Јовановски. Програмата продолжува во „Занаетчискиот дом“ во 17:00 со уште една самостојна изложба на Зоран Здравев, македонски фотограф. Веќе во 19:00 часот пајтонот продолжува во просториите на Фото клуб Куманово, каде традиционално ќе бидат прикажани дела од член на клубот. Овој пат тоа е фотографот Сандра Трајковска.
Во 21 часот во близина на клубот ќе има и ноќно сафари, на кое баскер изведувачи (групата Fuzz Bubble) ќе ги забавуваат присутните со својот жонглерски перформанс. Последниот ден трет по ред 5 јуни (недела), Фестивалот продолжува од 9:00 часот наутро во околината на Крива Паланка со фотосафари и две изложби. Едната ќе биде во 12:00 часот во ЛУ Музеј на град Крива Паланка, а другата во Центар за култура на Крива Паланка во 13:00 часот, интернационалната изложба „Игра“ (Play)
– Тука, јавноста ќе се запознае со околу шеесетина уметнички фотографии, од автори од целиот свет, кои во изминатата година се издвоиле како најдобри во своето поле на фотографирање. Ќе бидат застапени фотографии во 9 теми (слободна колор и монохром, фотожурнализам, жена, патување, природа, живот, улица и минимализам. Фестивалот свечено ќе биде затворен во манастирот Јоаким Осоговски, чија локација е и дел од предвиденото сафари, информираа од клубот.
Во претходните две години поради пандемијата, фестивалот имаше онлајн карактер, па љубителите можеа да следат дел од изложбите преку интернет. Проектот е финансиски поддржан од Општина Куманово и од Министерството за култура.