Со голем музички настан вечерва градот Куманово ќе одбележи 506 години од своето постоење и 81 година од ослободувањето од фашистичката окупација.
На плоштадот со почеток во 20 часот локалниот артист Лука Чомбе ќе ја има честа да ја отвори годинешната програма.
По него ќе настапат Еда Јакупи и Бесим Мифтари, исто така локални уметници од Куманово.
Потоа ќе следува настапот на големата музичка дива Калиопи која со кумановци ќе ги отпее своите најголеми хитови.
Честа да ја затворат манифестацијата ќе имаат Слаткаристика и Тони Зен.
На големиот концерт ќе му претходат низа други настани.
Утринава во 10 часот започна традиционалниот турнир во мал фудбал – Пехар на градоначалникот во спортската сала на СОУ „Перо Наков“.
Вечерта пред концертот, од 18 часот ќе се презентираат резултатите од литературен конкурс „Куманово во срцето“ во организација на СВР Куманово и НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Еден час подоцна во просториите на Аикидо клуб „Агатсу“, ќе започне семинар со аикидо мајстори од цела Македонија.
Во 19:30 во недела ќе биде отворена традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници“, во уметничката Галерија при Музеј Куманово.
Богатата програма продолжува утре со положување свежо цвеќе на Спомен Костурница од 11 часот, а еден час подоцна ќе се одржи и свечена седница на Советот на Општина Куманово.
Никола Ивановски

