Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на успешно завршување на конфликтот во Украина, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф, пред неговото заминување за Москва, каде што треба да ги продолжи разговорите за мировно решение.
Во разговор со новинарите на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Виткоф оцени дека е постигнат значителен напредок во преговорите во изминатиот период.
„Мислам дека постигнавме голем напредок. Ќе одам во Москва на кратко, важно е да одиме таму“, рече тој.
Зборувајќи за перспективите за завршување на руско-украинскиот конфликт, Виткоф нагласи дека верува во позитивен исход.
„Мислам дека можеме да го решиме“, рече тој, додавајќи дека дојде време конфликтот да се стави до крај.
Според него, преговорите влегле во последната фаза и сега се сведени на решавање на „едно прашање“, кое не сакаше да го прецизира.
Специјалниот пратеник потврди дека треба да отпатува за Москва вечерва, 22 јануари, во придружба на зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, и дека ќе пристигне во руската престолнина истата вечер.
Кремљ претходно објави дека распоредот на Владимир Путин за тој датум вклучува контакти со Виткоф, додека самиот американски пратеник изјави дека средбата е закажана за четврток.
Според Виткоф, средбата е организирана на барање на руската страна и претставува „многу важен чекор“ во понатамошниот тек на преговорите.
Пред разговорите во Москва, американската делегација планира да се сретне со украински претставници, а по посетата на Русија, патувањето ќе продолжи во Обединетите Арапски Емирати, каде што мировниот план ќе биде разгледан на ниво на работна група.
„Украинците рекоа дека завршивме 90 проценти од работата и се согласувам со нив. Всушност, мислам дека постигнавме повеќе од тоа. Сите вклучени во процесот сакаат да постигнат мировен договор“, заклучи Виткоф.

