Урбаната опрема на Спомен Костурница ноќва била целосно демолирана, информираат денеска од Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“.
Клупи, пресоблекувални, канти за отпадоци, метални обрачи и ограда на игралиштата и низа канделабри се уништени ноќва.
Од ЈП „Чистота и зеленило“ го осудуваат и овој вандалски чин, кој е само еден во низата во последниот период.
– Апелираме до јавноста за зачувување и неоштетување на урбаната опрема поставена на јавните површини. Апелираме и до Министерството за внатрешни работи да воспостави редовни контроли со цел спречување на вандалските дејствија и соодветно казнување на сторителите, велат од јавното претпријатие.
Воедно ги охрабруваат сите совесни граѓани да пријавуваат во службите на општината секаков вид на оштетување на урбана опрема или јавен имот.
– Останува само едно прашање. До кога со ваквото деструктивно однесување кон јавните добра кое веќе станува психолошко хроничен проблем во Куманово, се додава во соопштението до јавноста.
Пред само неполна недела хаос беше направен и со урбаната опрема на градскиот кеј.
Никола Ивановски