Десетина вагони од товарен воз што сообраќал на релација Куманово – Романовце излета од шините во близина на селото Черкези, кумановско.
Во инцидентот нема повредени лица, но причинета е голема материјална штета, а сообраќајот е во прекин. Багоните се превртени, а призводите од метал тешки и неколку тони се покрај шините.
Од полицијата информираат дека вагоните излетале помеѓу железничката станица Куманово и железничката станица Романовце, во близина на патниот премин кај село Черкези.
– Неколку вагони од товарен воз кој сообраќал на релација железничка станица Табановце- железничка станица Трубарево, управуван од Ј.М. од Скопје, излетале од пругата. Повредени лица нема и била причинета само материјална штета. Увид извршила увидна екипа од СВР Куманово, наведуваат од МВР.
МЖ Транспорт претходно соопшти дека поради излизгувањето на вагоните железничкиот сообраќај на релација Скопје – Куманово (Табановци) и во обратен правец ќе биде во прекин во следните неколку денови.
-Вработени од МЖ Транспорт и Инфраструктура се излезени на терен и интензивно работат на отстранување на дефектот. Поради тоа, ги информираме сите патници кои ја користат меѓународната линија Белград – Солун и обратно, ќе бидат превезувани со автобус од Скопје до Табановци и обратно, согласно важечкиот возен ред. Локалните патнички возови кон и од Куманово (Табановци) нема да сообраќаат во перидот се до отстранување на дефектот, соопшти МЖ Транспорт.