Министерството за здравство на Узбекистан во средата објави дека најмалку 18 деца починале откако конзумирале медицински сируп произведен од индискиот производител на лекови Marion Biotech Pvt Ltd.
Министерството објави дека 18 од 21 дете кои користеле сируп Doc-1 Max за акутни респираторни заболувања починале потоа. Сирупот се рекламира како лек за настинка и грип, пренесува Хина.
Пратката со сируп содржела етилен гликол, кој е токсичен, велат од министерството.
Истиот беше увезен во земјава од страна на Курамакс Медикал ДОО.
Сличен инцидент во Гамбија
Марион Биотек, Курамакс Медикал и Министерството за здравство на Индија не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар.
Инцидентот е сличен на инцидентот во Гамбија каде што најмалку 70 деца починаа откако користеа сируп за настинка и кашлица, произведен од Maiden Pharmaceuticals Ltd од Њу Делхи. Индиската влада и компанијата негираа дека нивните лекови се виновни.
Узбекистанското Министерство за здравство соопшти дека отпуштило седум вработени поради невнимание поради ненавремено анализирање на смртните случаи и преземање на потребните мерки.
Дисциплински мерки се преземени и против некои „специјалисти“, а од аптеките се повлечени таблетите и сирупите „Док-1 Макс“.