Кумановската авторка Лара Денковиќ утре (1 октомври) со почеток во 19 часот во Занаетчискиот дом ќе ја промовира својата најнова книга со наслов „Звукот на тишината“.
Настанот претставува можност љубителите на литературата да се запознаат со едно дело што веќе предизвикува интерес кај читателската публика.
Романот ја раскажува приказната за Ариа – жена која се обидува да ја пронајде својата сила и љубов во свет што никогаш не ја научил што е љубов.
Нејзината емотивна борба со минатото, семејството и самотијата добива нова димензија со појавата на Кевин – мистериозен и неодолив лик кој носи и нежност и темнина.
Она што започнува како романтична бајка постепено се претвора во психологија на страв, борба за опстанок и откривање на вистинското лице на човекот зад маската.
„Звукот на тишината“ е дело што, според рецензијата на проф. Соња Тодоровска, плени со поетичноста на изразот, но и вознемирува со суровата реалност што ја открива.
„Тишината не е празнина. Таа е најгласниот крик кој секој треба да го слушне“, пишува таа, нагласувајќи дека романот е повеќе од психолошки трилер – тој е приказна за надежта, издржливоста на човечкиот дух и храброста да се избере животот пред стравот.
Настанот е отворен за јавноста, а љубителите на литературата ќе имаат можност одблизу да се запознаат со авторката и да слушнат повеќе за процесот на создавање на ова дело кое комбинира интимност, искреност и напнатост до последната страница.
Никола Ивановски