Четириесет и деветгодишниот др. Шкури Фазлији лекар интернист починал на Инфективната клиника во Скопје како резултат на компликации од коронавирусот.
Фазлији бил вработен во Општа болница Куманово, а веста ја потврди и директорката на установата Снежана Захариева.
– Пред два дена се слушнав со него тој беше на интензивна нега на Инфективна Клиника. Самиот рече подобар сум отколку што бев кога дојдов овде, бидејќи ние го испративме во навистина лоша состојба, меѓутоа го слушнав дека отежнато дише, единстевно што поскав е да се извлече од кризата, меѓутоа очигледно дека боелста земала сериозен замав, изјави Захариева.
Според Захариева, лекарот пред повеќе од недела дена пројавил симптоми на настинка, но не бил хоспитализиран, се лекувал во домашни услови и сам си одредил терапија.
– Кога веќе состојбата се влошила семејството се обратило до колегите тој е донесен на Одделот за интерна медицина каде што и работеше по што веднаш со колегите свртевме на Инфективна клиника под итно да биде примен, бидејќи тој беше со ниска сатурација на кислород, со покачена гликемија, имаше и коморбидитети, но е млад човек ние искрено се надевавем дека успешно ќе се извлече од кризата, тој не лежеше кај нас ни дојде како тежок случај, по неколку дена домашно лекување, раскажува Захариева.
Пред да ги пројави првите симптоми, како што рече Захариева, тој бил слободен, па по што имал кашлица и останал дома. Немал контакти со останатите лекари и затоа никој не е ставен во изолација.
– Немало епидемиолошка основа за такво нешто, фала на Бога добри се другите и се надевам дека ќе бидат добри, вели таа.
Инаку лекарот Шкури Фазлији, зад себе остава ќерка и два сина.
Пред неполн месец од коронавирус почина и хирургот на кумановската болница, др. Драган Тасевски.
Никола Ивановски