Дополнителни 1.100 стечајни работници во Македонија ќе добијат месечен надоместок во износ од 9.242 денари, информираше денеска на прес конференција Марија Димитријевска од Општинската организација на СДСМ Куманово.
– Со овој Предлог-закон се зголемува опфатот на дополнителни 1.100 стечајци кои ќе добијат можност да остварат месечен надоместок во износ од 9.242 денари, односно 34 проценти од просечната месечна нето плата исплатена по работник претходната година. Со последната измена коај се донесе речиси 13 илјади лица ќе добиваат материјален надоместок до вработување или до пензионирање, рече Димитријевска.
Овој предлог закон, вели таа, е подготвен во директната комуникација со граѓаните, како и од анализата на досега поднесените барања според кои е дојдено до сознание дека на некои граѓани им недостигале само неколку месеци за да го исполнат условот од 15 години работен однос во претпријатието со доминантна сопственост на државата, поради што истите луѓе не можеле да го остварат ова свое право досега.
– Определбата на Владата на целосна фокусираност на социјалните политики кон сите наши граѓани од ранливите категории, продолжува и во наредниот период. Вниманието останува целосно насочено кон зачувување на работните места, и кон поддршка за социјално ранливите како што се стечајците, пензионерите и невработените, додава Димитријевска.
Никола Ивановски

