Ураганот Нора удри во Мексико, едно лице загина, седум исчезнати

Сподели со своите пријатели

Едно лице загина, а седум се водат како исчезнати кога ураганот Нора го погоди центарот на Мексико.

Ураганот донесе голема количина дожд, проследен со силни ветрови, како резултат на што имаше поплави, а патиштата беа оштетени, дрвјата беа соборени, а електричната енергија беше исклучена во некои мексикански држави.

Гувернерот на државата Халиско, Енрике Алфаро, изјави дека тинејџер од Шпанија починал кога делумно се урнал хотел во Пуерто Валарта, бидејќи патеката на Нора одела веднаш до тој туристички град, пренесе АП.

Една жена се води како исчезната кога нејзиниот автомобил го однел порој, а официјалните лица изјавија дека поплавите оштетиле околу 500 куќи, додека две лица се повредени при свлечиште.

 

Покрај исчезнатата жена, шестмина рибари од државата Гереро се водат како исчезнати.

Ураганот Нора, прва категорија, достигна брзина од 120 километри на час, понекогаш со посилни налети, додава Ројтерс.

Локалните медиуми прикажаа фотографии од поплави, оштетени патишта и паднати дрвја во неколку мексикански држави.

Мексиканската компанија за дистрибуција на електрична енергија претходно објави дека успеала да ја вклучи електричната енергија во 78% од домаќинствата во државите Михоакан, Колима, Халиско и Најарит.

Американскиот центар за мониторинг на урагани (NHC), кој е стациониран во Мајами, очекува Нора да продолжи да се движи во северна насока и да ослабне до вторник.

Минатата недела, ураганот Грејс уби осум луѓе кога ја погоди мексиканската држава Веракруз.