Со маици на кои пишува „Управа за јавна пљачка“, печалбарите од Авганистан и Ирак денеска излегоа на протест пред зградата на Управата за јавни приходи во Куманово.
Тие го кренаа својот глас по втор пат, сега блокирајќи ја крстосницата пред зградата на УЈП, во знак на револт од пристигнатите решенија за ретроактивното даночење на нивните плати додека работеле низ американските воени бази на Блискиот исток.

Како што истакна Зоран Наковски, во име на учесниците на протестот, рече дека се уште пристигнуваат даночни решенија за 2020 година со кратки рокови и камати.
– Ние не сме против плаќање данок и не бегаме од законите, но сме против ретроактивна, селективна и неправична примена на закон кој оди на штета на многу семејства. Иако граѓаните доставиле докази за долгорочен престој надвор од државата, тие не се земаат предвид, им се бара формална објава иако тоа не е законски критериум. Институциите признаваат дека немаат целосни податоци за влез и излез од државата, особено за 2020 година, вели Наковски, кој прашува како граѓаните да го докажат она што институциите не го евидентирале.
Додава дека се бараат документи од компаниите во кои работеле во Ирак и Авганистан, но вели дел од тие фирми сега не постојат и немаат претставници во тие земји.
– Работевме во екстремни и опасни услови со сериозни последици по нашето здравје, а денес сме третирани како да сме сториле нешто незаконски и затоа повторно сме тука мирно и јасно, со јасни барања за правично и индивидуално утврдување на даночна резидентност според фактични престој од 183 дена надвор од државата и достапни докази од пасош, печати и потврда од работодавачи. Признавање на доказите за работа и престој без условување за формална објава, ревизија на донесени решенија и привремено запирање на присилна наплата, усогласување и предвидлива пракса на институциите, јасни насоки за даночен третман за граѓаните ангажирани во меѓународни мисии, се дел од барањата кои ги истакна Наковски.

Велат дека не можат да обезбедат официјални документи од даночните институции од Ирак и Авганистан, оти компаниите за кои работеле немаат веќе претставништва таму.
– Не тераат да извадиме доказ од Авганистна и Ирак. Од кого да бараме од Авганистна, првин ни требаат визи, а и каде во Авганистан, па таму нема ни влада ни ништо. Можам да кажам дека е слична ситуацијата како кај нас, и ние тука немаме влада, која влада е тука, ако нема пари во касите, Мицко нека објави банкрот па ќе бараме хуманитарна помош, вели кумановка која 15 години работела низ воените бази на Блискиот исток.
На денешниот протест им се приклучија и дел од жители на Тетово кои исто така работеле во воените бази, но и дел од вработени во АРМ кои исто така биле на мировни мисии во име на македонската армија, а сега треба да платат данок.

Доколку нивните барања не се слушнат, најавуваат ширење на протестите и во други градови.













Никола Ивановски

