Речиси пет милиони Украинци се регистрирани како бегалци низ Европа од руската инвазија на нивната земја, соопшти во четвртокот Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
„Војната во Украина предизвика една од најголемите кризи со раселување во светот“, соопшти УНХЦР.
Заклучно со 24 февруари вкупно 4.816.923 украински бегалци се регистрирани во 44 европски земји, покажуваат најновите податоци на агенцијата.
Севкупно, многу поголем број ја напуштиле Украина – до 7 јуни се забележани повеќе од 7,3 милиони излегувања од земјата, без враќање.
Околу 2,3 милиони Украинци се вратиле во својата земја откако ја напуштиле.
Претставници на ОН велат дека се враќаат да се видат со своите роднини, да ја проверат состојбата на нивниот имот, да се вратат на работа или да им помогнат на другите да ја напуштат земјата.
Според ОН, 90 отсто од Украинците кои побегнале во странство се жени и деца. На мажите на возраст меѓу 18 и 60 години им е забрането да ја напуштат државата за да можат да бидат мобилизирани во војска.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) проценува дека околу 8 милиони луѓе се раселени само во Украина.
Украинците најмногу ја минуваат границата со Полска, каде што влегле 3,8 милиони луѓе, а 1,15 од нив се регистрирани како бегалци.
Уште стотици илјади избегаа во Унгарија, Романија, Словачка или Молдавија.
Околу 780 илјади регистрирани бегалци од Украина се во Германија, околу 367 илјади во Чешка, повеќе од 118 илјади во Шпанија.
Според УНХЦР, 1,1 милион украински граѓани заминале во Русија, а 17.000 од нив заминале во Белорусија.