Амбасадорот на Република Унгарија Ласло Дукс денеска му вети на премиерот Зоран Заев дека ќе ја охрабри Европската комисија во својата стратегија за проширување, во позитивен контекст, покрај Србија и Црна Гора, да ги спомне и Македонија и Албанија.
Како што информира владината прес-служба, на средбата со Заев Дукс истакнал дека е во тек процесот на реализација на неколку големи инвестиции на унгарски компании во Македонија. Со тоа, потенцира амбасадорот, ќе се зајакне и онака силната економската соработка меѓу двете земји. Тој истакна дека во моментов трговската размена меѓу Унгарија и Македонија е околу 200 милиони евра.
Изразувајќи благодарност за заложбата од унгарска страна во насока на забрзување на македонските евроинтеграции, премиерот Заев побара Унгарија и натаму да биде силен поддржувач за побрз влез на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, со цел земјава полесно да ги исполни европските стандарди.
– Регионот на Западен Балкан, нашата земја и нашите граѓани заслужуваат и Македонија да стане дел од Европското семејство, долго време веќе чекаме пред вратите на ЕУ, истакна Заев на средбата.
Тој се заблагодари на унгарскиот амбасадор и за помошта што и ја даде Унгарија на Македонија во текот на мигрантската криза.
На денешната средба и премиерот Заев и амбасадорот Дукс го поздравија учеството на Македонија на економскиот самит организиран од Кина кој ќе се одржи во Будимпешта кон крајот на месецов, а на кој ќе присуствуваат премиерите на 16 европски земји.
Извор: МИА