„Го победивме третиот бран на пандемијата“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека е време да се каже „збогум на маските“ на јавни места.
Орбан најави укинување на повеќето ограничувања што важат за ситуацијата поврзана со коронавирусот во таа земја, вклучително и за ноќниот полициски час, штом бројот на вакцинирани достигне пет милиони овој викенд.
Говорејќи за унгарското радио, Орбан рече дека маските повеќе нема да бидат потребни на јавни места и најави дека до 500 луѓе ќе можат да се собираат на отворено. Ќе бидат овозможени настани во затворено за оние со сертификати за целосна вакцинација, пренесуваат медиумите.
Ќе бидат дозволени и свадби со најмногу 200 лица.
Унгарија е единствената земја во ЕУ која ги вакцинира граѓаните со руски и кинески вакцини.
Ова им овозможи да имаат една од највисоките стапки на вакцинација – од 10 милиони Унгарци, 50% ја примија барем првата доза.
Хотели, ресторани, спортски сали, театри, кина и спортски терени се отворени во Унгарија.