Унгарскиот министер за надворешни работи во вторник ја обвини Европската комисија за уцена во спорот околу блокираните испораки на нафта за Унгарија и Словачка – две земји кои го критикуваа вооружувањето на Украина од страна на Европската унија.
Украина го стави рускиот Лукоил на својата листа на санкции во јуни, запирајќи го снабдувањето со нафта што тече низ Украина до унгарските и словачките рафинерии во сопственост на унгарската нафтена и гасна група МОЛ.
Унгарија и Словачка минатата недела побараа од комисијата да изврши притисок врз Киев да ја поништи одлуката.
– Помина повеќе од една недела, а Европската комисија не направи ништо – изјави во вторникот на Фејсбук унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
– И покрај заканата за енергетската безбедност на две земји-членки на ЕУ, и покрај кристално јасното кршење на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина, Брисел се уште молчи – додаде тој, мислејќи на договорот за евентуалниот конечен влез на Киев во ЕУ.
Сијарто рече дека комисијата или е „толку слаба што не може да ги брани основните интереси“ на земјите-членки или дека можеби самата го создала спорот.
– Можеби Брисел, а не Киев, ја измислил целата работа; Европската комисија, а не украинската влада, сакаше да уценува две земји кои се залагаат за мир и одбиваат трансфер на оружје – вели тој.
Во писмен одговор, комисијата објави дека почнала да собира информации по добиените барања од Унгарија и Словачка.
– Комисијата испрати детални прашања до Словачка и Унгарија за да се направи целосна анализа и да се обрати до украинските власти. Овие прашања се однесуваат на обемот на тековниот транзит на нафта, правните субјекти кои испорачуваат нафта преку Украина и постоечките договори, можностите за алтернативни патишта за снабдување, како и трошоците за тоа – се вели во реакцијата на комисијата.
Протоците од другите руски добавувачи не беа засегнати.
Во спорот што се продлабочува, словачкиот премиер Роберт Фицо во понеделникот рече дека неговата земја ќе ја запре испораката на дизел во Украина доколку Киев не успее да го врати протокот.
Спорот покажа колку некои земји од ЕУ сè уште се зависни од руската енергија повеќе од две години откако блокот одлучи да го запре увозот на нафта од Москва по инвазијата на Украина.
Унгарија, Словачка и Чешка имаат исклучоци од забраната за увоз на нафта од Русија преку цевководи за да им дадат време да најдат алтернативи, пишува Ројтерс.