Унгарија инсталира систем за противвоздушна одбрана во близина на украинската граница

Сподели со своите пријатели

Унгарија ќе инсталира систем за противвоздушна одбрана во североисточниот дел на земјата, во близина на границата со Украина, бидејќи заканата од ескалација на украинско-руската војна е „поголема од кога било“, изјави унгарскиот министер за одбрана Кристоф Салај-Бобровнички.

Loading...

Во видеото објавено на Фејсбук во средата, тој истакна дека Будимпешта верува дека наскоро ќе биде склучено примирје меѓу Русија и Украина по дипломатски пат, но дека сепак постои ризик.

„Меѓутоа, за да се подготвам за сите евентуални можности, наредив неодамна купените контролни и воздушни одбранбени системи и капацитети изградени врз нив да бидат инсталирани на североисток. Заканата од ескалација на украинско-руската војна е поголема од кога било“, рече Салај-Бобровнички.

Министерот не прецизираше кои делови од унгарскиот систем за противвоздушна одбрана ќе бидат инсталирани на североисток, а истакна и дека дел од армијата е во состојба на готовност, пренесува Ројтерс.

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот го намали прагот за нуклеарен напад како одговор на тоа што САД и дозволија на Украина да истрела американски ракети длабоко во Русија.

Украина во вторникот за прв пат употреби американски ракети АТАКМС, напад што Русија го гледа како голема ескалација.