Учесниците кои се дел од 50-то издание на ликовната колонија „Куманово“ денеска беа на прием во Општината.
Тие остварија средба со секретарот на општината Александар Гелевски, претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, како и раководителот на Секторот за култура и спорт Александар Крестевски.
На средбата разговараа за текот на колонијата, импресиите, а уметниците претставија и на какви дела работат.
– Ова е една од најстарите ликовни колонии во Република Македонија, а сега од разговор со уметниците дознав дека е и најстара на ниво на поранешна Југославија. Имаме артисти од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Романија, прекрасни луѓе, добро избрани уметници кои се впечатливи со своето дејствување и во нивните држави, изјави претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.
Драгана Спасковска, виш кустос во Музеј Куманово, кои исто така се дел од реализацијата на овој настан, вели дека учесниците ќе работат во традиционалните техники на сликарството.
– Сепак остануваме една од колониите која го задржува традиционалниот израз на уметноста , работа со акрил, со маслини бои и комбинирани техники, но во однос на сега нови, па и не така нови начини на изразување, се движиме кон електронска уметност, под влијание на социјалните медиуми, ние остануваме на терен, односно работа на отворено, изјави Спасковска.
Уметникот од Хрватска Здравко Милиќ, вели дека по прв пат е во Македонија и додава дека амбинетот тука е поинаков.
– Секој најде тука некој посебен мир, посебна слобода во своето истражување и неометани од никого, тука има посебна тишина, што ни одговара, така да секој може тука да си добие позитивна енергија, голем бонус имаме благодарение на сите вас тука, изјави Милиќ.
Инаку колонијата се одржува од 1974 година, кога била во конаците на манастирот „Св. Прохор Пчински” и активна е до денес.
Истата е под покровителство на градоначалникот и Советот на општина Куманово и Министерство за култура и туризам, а во реализација на НУ Музеј – Куманово и Фондација за култура и спорт.
Никола Ивановски