Украинските специјални оперативни сили денес објавија дека погодиле руски логистички објекти во Крим.
Украинската војска не откри кои објекти биле цел, ниту пак даде дополнителни детали за последиците.
„Продолжуваме да ја уништуваме руската логистика во окупираниот Крим“, објавија специјалните оперативни сили, објавува „Киев Индепендент“.
Нападите, како што е наведено во соопштението, „ги онеспособиле логистичките објекти што поддржуваат операции и борбено снабдување на единиците на руската армија“, објавува „Танјуг“.
Претходно, каналот на Телеграм „Кримски ветер“ објави дека беспилотните летала ја погодиле трафостаницата на железничката станица во градот Красногвардејски, што бил „прецизен“ удар, а објавено е и видео од чад што се издига над местото на настанот.
Проукраинскиот канал Телеграм, исто така, објави напад врз железничката инфраструктура во блискиот град Џанкој и напад врз магацин за нафта во истиот град.
Руското Министерство за одбрана објави дека системите за воздушна одбрана утрово уништиле осум украински беспилотни летала над Крим.
Претходно, руското Министерство објави дека силите за воздушна одбрана собориле 43 украински беспилотни летала над неколку руски региони во текот на ноќта.