Германска државјанка со украинско потекло е уапсена во Берлин за шпионажа за Русија, објави во среда канцеларијата на федералниот обвинител.
Двајца поранешни припадници на Бундесверот, германската армија, се исто така под сомнение, дознава ДПА.
Станува збор за неодамна пензиониран штабен офицер и висок офицер кој го напуштил Бундесверот пред повеќе од 15 години, според воени извори.
Германка со украинско потекло е осомничена за собирање информации поврзани со војната во Украина за руската разузнавачка служба.
Мерките на полицијата по наредба на обвинителот се познати на Министерството за одбрана, се наведува понатаму.
Воената контраразузнавачка служба (MAD) се вклучи во истрагата уште рано.
Двајцата мажи се осомничени за „давање службени информации на осомничен посредник, кој наводно дејствувал по наредба на руската разузнавачка служба и кој денес беше уапсен врз основа на наредба на истражниот судија на Федералниот суд“.
За ова, двајца поранешни припадници на Бундесверот ги користеле своите контакти во армијата. Дали свесно проследиле информации до странска разузнавачка служба е предмет на истрага.
Обвинителството претходно во среда објави дека се уапсени уште двајца мажи осомничени за поддршка на руските сепаратисти во Украина.
Еден руски и еден германски државјанин беа приведени во источната покраина Бранденбург, која го опкружува Берлин. Тие се обвинети за поддршка на странски терористички организации.
Од 2016 година, се вели дека играле водечки улоги во група што организирала транспорт на залихи, медицински производи и беспилотни летала до источниот регион Донбас во Украина за поддршка на руските сепаратисти.

