Украинските власти денеска соопштија дека уништиле руски воен транспортен авион за време на викендот во база во областа Оренбург, во јужниот дел на Урал, далеку од границата со Русија.
Нападот, кој се случи во текот на ноќта меѓу саботата и неделата, е дел од украинската кампања за напади на руска територија, чија цел е да се наруши логистиката на руските сили кои немилосрдно ја бомбардираат Украина од февруари 2022 година.
„Непријателскиот авион изгоре. Во Русија е уништен воено-транспортниот авион Ту-134“, соопштија од Главната управа на Украинската воена разузнавачка служба при Министерството за одбрана.
Се додава дека авионот бил погоден на рускиот воен аеродром Оренбург-2, на југот на Урал, на околу 1.000 километри од границата меѓу Украина и Русија.
Украинското министерство објави слики на кои се гледа како гори авионот.
Авионот, Тупољев Ту-134, му припаѓал на 117-от воено-транспортно-авијациски полк на руските вооружени сили и на категоријата авиони со советски дизајн што се користат, меѓу другото, за транспорт на раководството на руското Министерство за одбрана, додаваат од министерството.
Русија не реагираше на тој напад.
Во мај, рускиот претседател Владимир Путин нареди офанзива на украинскиот пограничен регион Харков, со цел да се создаде „тампон зона“ и да се избегнат украинските напади на руска територија.
Сепак, тоа не ја спречи украинската војска да продолжи со овие напади, при што Киев вели дека секојпат гаѓал воени и индустриски цели што ги користи руската војска за поддршка на нејзината инвазија на Украина.