Русија се соочува со поголем отпор во инвазијата на Украина отколку што се очекуваше, вклучително и во нападот врз главниот град Киев, и се чини дека го изгубила импулсот, изјави во петокот висок претставник на американската одбрана, пренесува Н1.
Руски ракети паднаа во петокот врз Киев, каде луѓето беа сместени во засолништа, а властите им порачаа на граѓаните да подготват молотови коктели за да ја одбранат украинската престолнина од нападот, за кој градоначалникот рече дека го започнале диверзанти.
Но, американскиот функционер, кој избрал да зборува под услов да остане анонимен, истакна дека сликата за руската офанзива се чини дека е доста измешана.
„Проценуваме дека Украинците пружаат поголем отпор отколку што очекуваа Русите“, рече тој, додавајќи дека украинската влада и контролата над нејзината армија „остануваат недопрени“.
„Тие не се приближуваат до Киев толку брзо колку што веруваме дека очекуваа дека ќе можат. Сепак, тие продолжуваат да се обидуваат да влезат во Киев“, рече тој.
Вашингтон и Киев сметаат дека целта на руската офанзива е соборување на украинската влада и воспоставување марионетски режим.
Русија сè уште не го мобилизирала најголемиот дел од своите сили распоредени околу Украина, изјави официјален претставник, проценувајќи дека само една третина е вклучена во офанзивата.
Службеникот спомна индиции за можен напад на руската морнарица западно од Мариупол, каде што може да слета илјадници маринци.
САД забележале дека досега се лансирани повеќе од 200 ракети.
И покрај тоа што Русија ги таргетираше претежно украинските воени инсталации, некои од проектилите паднаа и во цивилни, станбени области, рече официјалниот претставник.
Украинската армија дава отпор, додаде тој.
„Тие се борат за (својата) земја“, рече функционерот, истакнувајќи дека Русија сè уште не воспоставила контрола над украинскиот воздушен простор или целосно ги искористила своите можности за електронско војување.
„Генерално, Русите изгубија одреден моментум“, рече претставникот, додавајќи дека неколку стотици американски граѓани ја напуштиле Украина во изминатите 24 часа.