Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации денеска соопшти дека добива се повеќе извештаи за цивилни жртви во Украина, која во четвртокот беше нападната од Русија.
Портпаролката Равина Шамдасани рече дека претставници на ОН потврдиле смрт на 25 и ранети 102 цивили, главно во артилериски и воздушни напади.
Бројот на жртвите е многу веројатно поголем, изјави Равина Шамдасани.
Таа рече дека ОН се вознемирени поради бројните случајни апсења на „учесници во демонстрациите против војната во Русија“, пренесува АП.
Повеќе од 1.800 демонстранти се уапсени, рече Равина Шамдасани, но додаде дека не е познато колкумина можеби се веќе ослободени.
Високиот комесаријат на ОН за бегалци изјави дека повеќе од 100.000 луѓе во Украина биле принудени да ги напуштат своите домови и дека се проценува дека околу четири милиони луѓе ќе пребегнат во други земји доколку ситуацијата се влоши.