Украина побара од Анкара да го ограничи минувањето на руските воени бродови низ Босфор и Дарданелите, откако Русија рано утринава ја нападна Украина.
– Ги повикуваме турските власти да и помогнат на Украина. Бараме Босфорот и Дарданелите да бидат затворени за руските воени бродови – изјави украинскиот амбасадор во Анкара, Вадили Боднар, според извештајот на турскиот весник Јени Шафак, пренесува ТАС С.
Украинскиот парламент, Врховната рада, денеска го потврди указот на претседателот Володимир Зеленски за воведување воена состојба на територијата на целата земја, пренесоа украинските медиуми.
Зеленски утринава објави дека прогласува воена состојба, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди специјална воена операција во Донбас во источна Украина.
Украинската армија денеска соопшти дека соборила пет руски авиони и еден хеликоптер во областа Луганск, што Русија го демантира.
Амбасадорите на НАТО утрово ќе одржат итна седница, изјави за Ројтерс неименуван претставник на Северноатлантската алијанса, откако Русија ја нападна Украина.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побара од Русија веднаш да ја прекине воената акција и да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.